Муцунски на терен: Ќе се воведе зонско паркирање во Стар Аеродром и Ново Лисиче

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски денеска заедно со директорот на ЈП „Градски паркинг“, Бојан Христовски направија обиколка низ општината и ја разгледаа можноста за воведување зонско паркирање на нови локации.

Муцунски и Христовски ги поминаа сите критични точки за паркирање во нашата општина и се обврзаа дека ќе излезат во пресрет на барањата на локалните жители за воведување ред во паркирањето.

Еден од најголемите проблеми на аеродромци е паркинг просторот и токму затоа, Општина Аеродром заедно со ЈП „Градски паркинг“ ќе изнајде решение кое ќе биде прифатливо за сите.

„Во наредниот период како Општина Аеродром планираме да преземеме конкретни чекори и ќе спроведеме анкета преку урбаните заедници, односно куќните совети/управителите на станбените објекти кои не се опфатени со зонското паркирање“, изјави градоначалникот Муцунски.

Тој додаде дека доколку граѓаните се изјаснат позитивно, тогаш ќе се воведе зонско паркира на повеќе места како Стар Аеродром и Ново Лисиче.

Освен воведувањето зонско паркирање Општина Аеродром планира да започне и со воведување косо паркирање, со што ќе се обезбеди уште поголем број места, што беше едно од предизборните ветувања на градоначалникот Муцунски.