
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски кои од вчера е во работна посета на Истанбул, во рамки на Балканската платформа за мир, денеска го посети македонскиот Генерален конзулат - едно од најактивните дипломатско-конзуларни претставништва, со значителен обем на работа и ангажман во обезбедувањето конзуларни услуги за нашите граѓани.
„Во изминатиот период е извршена целосна реконструкција на просториите, за што сум уверен дека ќе придонесе за уште поквалитетни, поефикасни и подостапни услуги за граѓаните“, истакна Муцунски во објавата на Фејсбук.
Воедно, информираше дека остварил и средба со стопанственици активно вклучени во македонско-турската економска и трговска соработка, при што ја истакнал нивната значајна улога и придонес во зајакнувањето на билатералните односи, особено во економската сфера.
Инаку, Муцунски вчера заедно со неговите колеги министри за надворешни работи од земјите учеснички во Балканската платформа за мир, остварија средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Тајип Ердоган.
На средбата се разговарало за билатералните односи на Турција со земјите учеснички, како и за пошироките регионални прашања од заемен интерес.
„Во време кога светот и регионот се соочуваат со сериозни предизвици, се согласивме дека зајакнувањето на солидарноста и меѓусебното разбирање меѓу членките на Балканската платформа за мир е од особена важност. Заеднички оценивме дека Балканот мора да продолжи напред со пристап што ги зема предвид поуките од минатото, но е јасно насочен кон стабилност, соработка и заедничка иднина“, сподели министерот за надворешни работи.