Муцунски на средба кај хрватскиот колега, Грлиќ Радман: Нагласена одличната соработка и комуникација меѓу двете земји изминатите три децении

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој денеска е во работна посета на Хрватска, се сретна со министерот за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман.

За време на средбата двајцата министри ја потврдиле одличната политичка комуникација и стабилната соработка што двете земји ја градат повеќе од три децении.

Го поздравиле и позитивниот тренд во билатералните односи и ја реафирмирале заедничката определба за нивно понатамошно унапредување, со фокус на економската соработка, трговијата и соработката во повеќе значајни области.

Министерот Муцунски изразил благодарност за јасната и континуирана поддршка од Хрватска за нашиот европски пат, нагласувајќи ја потребата од усогласен пристап на сите земји членки на Европската Унија, како и јасен исчекор кон проширување.

„Како сојузници во НАТО, се согласивме дека зајакнатата координација останува врвен надворешнополитички приоритет во услови на комплексни геополитички предизвици“, информираше Муцунски.