
На настан организиран од Светскиот Економски Форум во Дубаи, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски се обрати на сесијата „Trade in a Changing World“ (Трговија во свет што се менува), посветена на промените во глобалната трговија, економската отпорност и иднината на меѓународната соработка.
Муцунски на панелот истакнал дека глобалниот трговски систем мора да се приспособи на реалностите на 21 век и дека отвореноста и безбедноста не треба да се гледаат како спротивставени цели, бидејќи отпорноста не значи изолација.
„За помалите економии, конкурентноста не произлегува од големината, туку од способноста да бидат сигурни и предвидливи партнери. Големите економии се натпреваруваат преку обем. Малите економии се натпреваруваат преку доверливост. Затоа инвестираме во стратешките Коридори VIII и X, енергетската диверзификација и поврзаноста. Економскиот суверенитет е тесно поврзан со тоа колку сме инфраструктурно и енергетски поврзани“, нагласил шефот на македонската дипломатија.