Муцунски на покана на генералниот секретар на НАТО, Руте е дел од државната делегација на Самитот во Хаг

На покана на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вчера и денес сум во Хаг како дел од државната делегација предводена од претседателката Гордана Силјановска-Давкова, по повод самитот на НАТО, сподели утрово министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

„Во рамки на првиот ден присуствував на работна вечера со земјите членки на Алијансата во формат Совет НАТО – Украина, на која учествуваа и украинскиот министер за надворешни работи Андреј Сибиха, како и високата претставничка на Европската Унија, Каја Калас, истакна Муцунски во објава на социјалните мрежи.

Тој во своето обраќање нагласил дека кохерентноста и единството се нашата најсилна алатка за справување со заедничките закани и предизвици. Потенцирал и дека потребата да сториме повеќе и да инвестираме повеќе во нашите одбранбени капацитети мора да остане приоритет број еден за сите нас, при што континуираната координација е единствениот начин да постигнеме заеднички успех.

Меѓу другото, Муцунски го подвлекол и значењето на постигнување праведно и долгорочно решение за Украина, поздравувајќи ги иницијативите за директни средби меѓу претставниците на Украина и Русија, поддржани од САД и европските сојузници.

„Изразив и подготвеност за натамошна поддршка од наша страна, согласно со капацитетите и можностите со кои располагаме, сподели Муцунски.