Муцунски на меѓународната конференција „Бизнис дипломатија – патот кон раст на економијата и меѓународната соработка“

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес, на покана на Паневропската унија, учествуваше на меѓународната конференција „Бизнис дипломатија – начин за раст на економијата и меѓународната соработка“.

Во своето воведно обраќање, Муцунски ја потенцираше клучната улога на бизнис дипломатијата во промовирањето на мирот и економските придобивки

„Во свет на зголемена глобална поврзаност и економска меѓузависност, бизнис дипломатијата станува важен инструмент за зајакнување на економската стабилност и зацврстување на меѓународните односи. Еден од клучните елементи за успешна бизнис дипломатија е меѓусекторската соработка на Владата, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата, односно нашиот инклузивен пристап, со кој создаваме услови за зголемена конкурентност, иновации и одржлив развој,“ истакна Муцунски.

Ги нагласи и проширените ингеренции на министерството по интегрирањето на новите надлежности во делот на надворешната трговија и новата обврска, која е фокусирана на промоција на извозот, привлекувањето странски инвестиции, застапување на економските интереси на државата и поддршка на македонското стопанство.

„Токму во оваа насока се и последните законски измени, со кои Министерството за надворешни работи стана Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, со што официјално ги презедовме надлежностите во делот на креирањето политики поврзани со странските инвестиции и надворешната трговија,“ истакна тој.

Додаде дека, согласно тоа, преку засилена активност на дипломатско-конзуларните претставништва и усогласено со приоритетите на Владата, во следниот период активно ќе се работи на остварување на овие економски цели, а со тоа и на забрзување на економскиот развој на државата.