
Во современиот свет, силата на една држава сè повеќе се мери преку способноста да инспирира доверба, да создава идеи и да гради партнерства, истакна денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во своето обраќање на отворањето на 4. Форум за културна дипломатија „Скопје 2026“, посветен на улогата на културната дипломатија и глобалниот дијалог во време на забрзани геополитички промени.
Во своето обраќање министерот дека културната дипломатија е најчовечката форма на дипломатија и дека нејзината задача е да ја врати човечката димензија во меѓународните односи и да потсети дека зад секоја држава стојат луѓе, зад секоја политика искуства, а зад секој идентитет историја, јазик, култура и достоинство.

Муцунски истакна и дека културната дипломатија денес не е само „мека моќ“, туку сериозен инструмент на државно позиционирање, градење партнерства и долгорочно влијание, особено во време кога светот е технички поврзан повеќе од кога било, но политички и општествено често подлабоко оддалечен.
„Посебно потенцирав дека треба да ги користиме нашата култура, образованието, младите луѓе, уметниците, дијаспората, научното знаење и европската приказна како дел од една поширока дипломатска понуда и дека мирот не се гради само кога ќе заврши кризата, туку многу порано – преку секој канал на разбирање што сме го отвориле пред да биде предоцна. А довербата, денес, останува највредниот капитал во дипломатијата“, нагласи Муцунски во објавата на Фејсбук.