
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на новинарско прашање се осврна на написи во британските медиуми, повикувајќи го министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски да одговори дали Владата разговара или преговара за прифаќање мигранти во Македонија.
„Го прочитав текстот, го видов во медиумите. Владата мора многу сериозно да излезе и да каже дали разговара или преговара за таква работа. Со оглед на шпекулациите и написите во сериозни светски политички часописи, министерот Тимчо Муцунски треба да каже дали се зборува за тоа мигранти да се носат во нашата земја“, изјави Филипче.
Тој дополнително праша дали, како што наведуваат медиумите, изградбата на евентуални мигрантски кампови има поврзаност со заемот од седум милијарди евра што Владата го зема пред неколку месеци.
„Министерот Муцунски исто така треба да каже дали тоа има врска со тој пакет од седум милијарди евра. Дали е Владата условена со тие пари да го направи тоа? Очекувам министерот денес или најдоцна утре да ја информира јавноста дали се водат разговори со Велика Британија за лоцирање на мигранти во нашата земја“, додаде тој.
Филипче рече дека СДСМ подолго време ги следи публикациите во британските медиуми кои, како што наведе, укажуваат на тенденции Велика Британија да лоцира можни места за изградба на мигрантски кампови во регионот, но оти сè уште се работи на ниво на шпекулации за кои Владата мора да даде јасен одговор.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, преку социјалните мрежи остро ја отфрли изјавата на Филипче, нарекувајќи ја дезинформација.
„Такво нешто не постои – ниту како иницијатива, ниту како политичка намера. Ваквите шпекулации се неосновани, штетни и служат исклучиво за дневнополитички поени. Наместо ширење лажни вести, очекуваме сите политички чинители да се држат до фактите и да покажат минимум одговорност,“ напиша Муцунски.
Тој додаде дека изјавите на Филипче се одраз на непознавање на состојбите и тековните дипломатски активности на државата.
„Со Обединетото Кралство имаме стратешко партнерство засновано на заемна доверба, политичка, економска и безбедносна соработка – а не на шпекулации и сензационализам,“ порача Муцунски.