Муцунски го поздрави постигнатиот договор со САД за фер и реципрочна трговија: Отвораме поголем пристап до американскиот пазар

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски го поздрави постигнатиот договор меѓу САД и Македонија за реципрочна, фер и избалансирана трговија. Во објава на Фејсбук, Муцунски го оценува договорот како важен и значаен исчекор во економската соработка со Соединетите Американски Држави, кој има големо значење за македонската економија и од кој конкретен бенефит ќе имаат македонските компании.

„Усогласивме заедничка изјава и рамка за Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, со што ја зајакнуваме билатералната економска соработка и отвораме поголем пристап до американскиот пазар за македонските компании. Искрена благодарност до целиот тим од повеќе институции што макотрпно работеше на овој процес, како и тимот на македонската амбасада во Вашингтон“, истакна Муцунски во објавата.

Договорот со САД вчера го најави премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи дека 63-64 производи, кои за земјава се стратешки, во САД ќе бидат извезувани со едноцифрена тарифа од нула до 6,5 проценти.

Тој кажа дека во изминатите месеци се воделе многу активни и жестоки преговори и оти ваквите поволни стапки се резултат на тоа.