Муцунски го дели ставот со Мицкоски: Нема уставни измени без јасни гаранции и предвидливост на патот кон ЕУ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера пред собраниската Комисија за надворешни работи рече дека целосно ја поддржува изјавата на премиерот дека државата не може да биде подготена да прави уставни измени без јасни гаранции и јасна предвидливост на нејзиниот европски пат.

Министерот потсети на изјавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој пред околу една година рече дека нашата држава треба да добие дополнителни гаранции, но и на министерот за надворешни работи на Белгија, кој пред неколку дена во Скопје изјави дека нам како на држава треба да ни се дадат дополнителни уверувања.

„Зошто? Затоа што ние треба да ја погледнеме праксата спрема нашата држава. Таа е пракса на 30 години отстапки, најголем дел од нив отстапки од национална природа со ветување за предвидливост и после неколку месеци, повторно да се доведеме во целосно иста ситуација“, рече Муцунски.

Тој посочи дека истовремено отворено ќе зборува за пристапот на Владата на соседна Бугарија бидејќи не е само прашањето за уставните измени.

Гледаме, додаде Муцунски, еден ретрограден пристап кон Акцискиот план за малцинства, документ којшто се подготвува и е во завршна фаза. На него покрај национални експерти работат и меѓународни експерти ангажирани од Советот на Европа.

„Да ја погледнеме праксата на соседна Бугарија во блокирањето на нашата иницијатива за членство во „Трите мориња“, иницијатива која што нема врска со ЕУ, но Бугарија повторно одлучува и во таа меѓународна иницијатива да користи право на вето. Треба да се гради доверба, треба да постапуваме во добра верба, но истовремено ние не можеме лековерно да се поставуваме бидејќи некој ни вели само тоа направете го и понатаму чист ќе ви биде патот“, рече Муцунски.

Нема дилема во кој геостратешки правец се движи државата, вели тој, но во делот на националниот интерес на прашањата поврзани со историја, јазик и идентитет треба да ставиме една конечна, не само точка, туку и извичник — тука државата не е подготвена да преговара.