Муцунски: Договорот е национална катастрофа за нашата државата и за тоа што малку остана како наша самопочит и наш идентитет

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Општина Аеродром денеска гостуваше во централниот дневник на Сител ТВ каде се осврна на актуелната политичка ситуација во Македонија и даде сопствен коментар на францускиот предлог.

Според него Владата во овие 6 години ја опустошила Македонија. 

„И кога мислевме дека е допрено на нивното постапување, денес го пробушија. Таа слика која денеска ја видовме во Собранието на Република Македонија фигуративно беше слика на гробарите на македонскиот идентитет. Ова е срамно – се што се случува во овој момент. Ние мораме да бидеме максимално внимателни во однос на содржината за тоа што се разговара бидејќи имаме масовна продукција на лажни вести и информации што содржи суштински овој предлог.“, рече Муцунски.

Тој рече дека оваа европеизација не е истата онаа за којшто тој е поборник и каква што би требало да биде во пракса.

„Јас ќе ви кажам лично – поборник сум за европеизација на Македонија, но европеизација по вредностите на Шуман. Европеизација која што потекнува од процес на консолидирање на минатото и гледајќи кон иднината и економски напредок, а не европеизација која во својата содржина како на овој предлог којшто денес ни се презентира како врвен успех каде што се вклучува одредба од билатерален договор склучен меѓу две држави во којшто се бара, не на билатерално ниво, туку во рамките на процесот преговори со Европска Унија, да се следат годишни прегледи и мерки за ефективна имплементација на Членот 12 од договорот. Во овој момент во преговарачка рамка тоа значи дека земјите членки и комисијата ќе имаат надзор на тој процес.“, дециден беше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
 
Тој заклучи дека се работи за промена на учебниците и дека тоа е причина повеќе македонскиот народ да го прифати овој штетен предлог.

„Да го симплифицираме тоа за граѓаните. Бугарија утре може да каже, а судејќи по нивното постапување веројатно и ќе каже: „Учебниците за шесто, седмо, осмо одделение се неприфатливи за нас“. Тоа ќе значи дека нашите учебници за шесто, седмо и осмо одделение каде се дефинира кој е Гоце Делчев, какво е Илинденското востание, веќе стануваат европски проблеми и истите стануваат неприфатливи за Европската Унија. Тоа е содржината на тоа што е презентирано, а Владата го претставува како колосален успех.“, заклучи Муцунски.