Муцунски денес и утре учествува на Бледскиот стратешки форум - вели дека е „важна платформа за размена на ставови за иднината на регионот, Европа и светот“

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска и утре учествува на Бледскиот стратешки форум, што се одржува во Блед, Словенија.

Овогодинешниот форум се одржува под мотото „Моќта да ја обликуваме иднината“, а според Муцунски, претставува важна платформа за размена на ставови за иднината на регионот, Европа и светот.

„Во рамките на форумот ќе бидам говорник на панел-дискусијата „Геополитички превирања: Централна и Југоисточна Европа во свет на коридори, безбедност и проширување“, посветена на геополитичките трансформации што ги редефинираат меѓународните односи. Следуваат дискусии и билатерални средби посветени на актуелните геополитички и безбедносни предизвици, регионалната соработка, европската перспектива и натамошното унапредување на партнерствата“, посочи шефот на македонската дипломатија.