МТСП: Во 2017 отворени 165 фирми, вработени 191 лице

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски, го посетија студиото ,,Дарк-1’’ со цел директно да ги слушнат предизвиците и потребите на млади луѓе кои се охрабриле и почнале сопствен бизнис со почетна поддршка од државата.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека Кристијан Трајковски, Марко Зарев и Симон Стојановски наскоро ќе ја промовираат својата прва видеоигра, а на почетокот на годинава го отвориле своето независно студио за изработка и издавање видеоигри ,,Дарк-1’’.

„Дилемата дали да отворат фирма во земјава или во странство ја решиле откако дознале за можноста да добијат грант за самовработување од 10 илјади евра преку мерките од Оперативниот план за активни мерки и услуги за вработување. Оваа можност била одлучувачка да почнат со остварување на својот сон во својата земја“, се вели во соопштението на МТСП.

Првата игра која ќе излезе од ова студио е наречена ,,Одиум до јадрото’’ (Odium to the core), која веќе е изработена и ќе биде пуштена во официјална продажба на 11 мај.

Претприемачите изразиле задоволство од тоа како се развива нивната мала фирма, но посочиле дека им е потребна поддршка за надминување на одредени пречки поврзани со пласман на нивниот производ на светскиот пазар.

„Министерот Манчевски изјави дека може да помогне во овој дел, но и во однос на промоцијата и маркетингот. Деспотовски ги информираше дека Фондот за иновации нуди дополнителни можности за финансирање на стартапите формирани преку оперативната програма за самовработување. Износите на средства се од 30 000 до 100 000 евра во зависност од степенот на развој преку двата инструмента на финансирање од Светска банка. Фондот и Министерството за труд и социјална политика развиваат заедничка мерка во која поддршката преку инструментите и оперативната програма ќе биде олеснета за сите млади лица“, велат од МТСП за средбата.

На укажувањето на Кристијан, Марко и Симон дека нивни познаници и колеги биле заинтересирани да го следат нивниот пример, министерката Царовска посочила дека и во моментов може да се искористи шансата што се нуди со Оперативниот план за 2018 година за добивање неповратни средства за самовработување од 246.000 до  615.000 денари, но и да ја комбинираат оваа мерка со мерките за обуки за знаења и вештини.  Според неа, приказната на ,,Дарк-1’’ е навистина успешен пример, кој  треба да претставува мотивација за сите невработени млади луѓе.

Во 2017 година преку оваа мерка од Оперативниот план биле отворени 165 стартап-бизниси и реализирани 191 вработување.

Овогодишниот оглас за мерката за самовработување беше распишан на 23 март 2018 година од страна на МТСП и АВРМ и за само еден месец биле поднесени над 1400 апликации.