МТСП не гледа злоставување, тврди дека малолетничките од домот забремениле своеволно

Во двата нови случаја на бременост на малолетнички, штитенички на Домот за деца со социјално-воспитни проблеми „25 Мај“ од Скопје, нема злоставување или сексуална експлоатација.

Тие забремениле откако своеволно имале односи со штитеници од установата со кои биле во врска, информираат од Министерството за труд и социјална политика.

Едната малоленичка која била 15-годишна ја прекинала бременоста откако дала согласност и таа и старателот, а за тоа била информирана и нејзината мајка. Втората малолетничка, која има 17 години, одлучила да го задржи бебето. По проценка на стручни лица дека е ресоцијализирана таа била вратена кај родителите. Таа кога ќе го роди детето ќе биде полнолетна.

– Ова девојче одлучило да не ја прекинува бременоста и во моментот е кај нејзиниот татко, кој се согласил да води грижа за неа и за бебето. И таа кажала дека не станува збор за силување или злоставување, но не сакала да каже со кого забременила, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Алармот за случувањата во установата „25 Мај“ се крена минатата недела кога невладината организација Европски центар за правата на Ромите (ЕЦПР) соопшти дека 13-годишна штитеничка на домот била подложена на абортус откако забременила по сексуално злоставување.

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека се сомнева дека станува збор за сексуална експлоатација на малолетничката и побара Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство да го расчистат случајот.

За разјаснување на тоа кој и што презел или не презел во врска со овој случај инспекциски тимови вршат проверка во установата и во надлежните центри за социјална работа, кои треба да ги достават информациите до Комисијата формирана за расчистување на овој случај.

Од Министерството велат дека ги испитуваат сите апекти во случајот кои се во нивна надлежност, но истакнуваат дека тие не се истражен орган и оти во другиот дел треба да се ангажираат МВР и Обинителството, особено што случаите на нејзиното заминување од установата биле пријавувани во полиција, исто како и нејзините изјави дека била принудувана на сексуални односи против своја волја.

Министерството за внатрешни работи вчера соопшти дека против едно лице веќе поднеле кривична пријава за полов напад врз дете, кое признало дека имало сексуални односи со 13-годишното девојче лани во ноември, кога во бессознание била однесена во општата болница во Велес. Вчера од морални прилини даде оставка директорот на домот „25 Мај“ Стевчо Соколовски.