МТСП: На лицата во карантин сместени во депандансот во Демир Капија им се обезбедени сите потребни услови и поддршка

 Во депандансот Демир Капија, што се наоѓа во атарот на село Ергеле, во моментов се сместени 11 лица за кои е потребна изолација, согласно мерките за превенција и спречување на ширење на Ковид-19, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика.

– Во објектот се обезбедени сите услови за престој на лицата, редовно се доставуваат средства за хигиена, оброците се дистрибуираат спакувани во индивидуални порции, а здравствена заштита е обезбедена од мобилни здравствени тимови. Дополнително, секојдневно се спроведува дезинфекција на објектот, се нагласува во соопштението.

Министерството истакнува дека со поддршка на меѓународните организации, минатата година целосно го реновирало објектот и тој е пристапен и за лица со физичка попреченост.

Во редовни услови, овој објект ќе функционира како давател на социјални услуги кои не вклучуваат долгорочно згрижување, како што е одмена на семејна грижа и слично, се додава во соопштението на Министерство за труд и социјална политика.