МТСП: Инвестираме во јакнење на вештините на воспитувачите за работа со деца во градинките

Денеска почна првата обука на избраните 30 воспитувачи/чки за јакнење на компетенциите на кадарот во градинките.

Министерството за труд и социјална политика обуките ги спроведува како дел од заедничката соработка со Уницеф, со што, од Министерството велат, дека и во 2019 година продолжуваат да работат на унапредување на квалитетот на сервисите и зајакнување на професионалните компетенции на вработените во установите за деца.

Во рамките на овие активности оваа година ќе се организираат низа работилници за унапредување на социо-емоционалните компетенции на воспитувачите/чките за поттикнување на социо-емоционалниот развој кај малите деца.

Сè поголем број научни истражувања истакнуваат дека емоционалниот развој на почетокот на животот е од клучно значење за развојот на целокупната мозочна архитектура и има огромно влијание во текот на целиот живот.

Обуката ја спроведува проф. д-р Ребека Гренџер-Елис, постдокторска истражувачка и соработничка на универзитетите “Џон Хопкинс” и “Њу Ореланс” во САД. Гренџер-Елис е експертка за социо-емоционален развој и има над 12 години искуство во развој на програми базирани на истражување, специјализирани за деца во предучилишно и основно образование, вклучувајќи и надарени и деца со потешкотии.

Учесниците коишто ќе ја поминат обуката имаат обврска стекнатите вештини и знаења да ги пренесат на своите колеги и да дадат континуирана поддршка на вработените во установите за деца во рамките на Програмата за колегијална поддршка што ќе се спроведува во 2019 и 2020 година.