Наодите од Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2023 година покажуваат дека финансискиот резултат кој го оствариле комерцијалните телевизии е најлош во периодот од 2018 година до сега. Загубата на целата индустрија во однос на претходната година е за три и пол пати поголема.
Во 2023 година вкупните приходи во радиодифузната индустрија изнесувале 2.458.000 денари, а вкупните трошоци 2.708.000 денари. Резултатот од работењето на сите субјекти на пазарот покажува загуба од 261 милион денари, при што загубата на јавниот сервис изнесувала 132 милиони денари, а на комерцијалните телевизии 140 милиони денари. Добивка оствариле само комерцијалните радија која изнесувала 10 милиони денари.
Приходите на Македонската радиотелевизија изнесувале 1,000.44 денари, на комерцијалните телевизии 1,272.63 денари, а на радиостаниците 185.50 денари. МРТ има пад на вкупните приходи во однос на 2022 година за 9 проценти, додека приходите на комерцијалните телевизии и на комерцијалните радиостаници пораснале за 3 проценти, односно за 8 проценти.
Половина од вкупните приходи во индустријата биле остварени од рекламирање, 50,28 проценти, а 39,47 проценти се средствата од државниот буџет префрлени на сметката на Македонската радиотелевизија. Останатите 10,25 проценти од вкупните приходи биле остварени по други основи.
Катерина Доневска од АВМУ потенцираше дека и во 2023 година како и во претходните пет Владата не му ги префрлила на јавниот сервис предвидените средства.
„Во последните шест години МРТ добила речиси три милијарди денари помалку отколу што е предвидено со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Токму ова во Финансискиот извештај за МРТ за минатата година е посочено како причина која доведува до потешкотии во работењето и за остварување негативен финансиски реузлтат“, наведе Доневска, споделувајќи и дека од рекламирање МРТ остварила 12,28 милиони денари, што претставува 1,2 проценти од вкупните приходи.
Минатата година терестријалните телевизии на државно ниво ТВ Алфа, ТВ Алсат-М, ТВ Канал 5, ТВ Сител и ТВ Телма заеднички оствариле вкупни приходи во износ од 1.106,93 милиони денари, а потрошиле вкупно 1.103,39 милиони денари. Највисоки вкупни приходи остварила ТВ Сител (474,04 милиони денари), а истовремено потрошила и најмногу средства (461,50 милиони денари). Најниски се приходите на ТВ Телма во износ од 115,02 милиони денари.