Mожни излевања: Поројните врнежи ќе ги зголемат нивоата на реките

Зголемување на сливните подрачја на Треска, Пчиња и Кумановска, како и на горните делови на Вардар, Радика, Сатеска, Црн Дрим и Голема (Ресенска), но и покачување на нивото на природните езера, особено на Охридското кое денеска е пет сантиметри над дозволениот максимум, очекува УХМР од врнежите што се најавуваат за попладневните и вечерните часови.

Доколку на одредени места процесите локално бидат поинтензивни и врнежите бидат пообилни, можни се локални излевања на Треска кај Пласница, на Кумановска и во горниот дел од сливот на Вардар и Црна.

Според прогнозите на синоптичарите, на некои места се очекува да наврнат над 20 литри на метар квадратен, додека на планинските места се очекува врнежите да бидат во вид на снег.

– Водостоите на реките во западниот дел на земјата се релативно високи, особено во сливот на Треска, Радика и горниот дел на Вардар. Предупредуваме на претпазливо следење на состојбата и внимателно движење покрај реките и суводолиците, велат од УХМР.