Можевме да бидеме нешто прекрасно, но никогаш нема да знаеме како би изгледало тоа...

Понекогаш мислам дека бев премногу комплицирана за твојот живот. И мислев дека можевме да бидеме нешто прекрасно. Сѐ додека не можевме. Имав многу идеи кои ти не можеше да ги видиш. Но, не беше важно. Верував во нас. Имавме свои правила и поинаква љубов. Го гледав тоа како наш почеток, а ти го гледаше тоа како твој крај. Ти беше толку тешко како да ќе умреше ако ми се предадеше, ако ми дозволеше целосно да бидам твоја. Но, ти ми беше партнер, но и најдобар другар. Така те гледав. 

Уживавме заедно, си поставувавме предизвици, се исполнувавме со смеа и страст, со музика и прекрасни моменти. Но, никогаш не сакав да те одземам и да те направам помалку свој. Се надевам дека го разбираш тоа. Не беше совршено. Не сме совршени ниту ти, а ниту јас. Само мислев дека можевме да бидеме нешто прекрасно во свет кој е просечен. Верував во нас дури и во најлошите моменти. Бевме толку поинакви од другите. Бевме поинакви по начинот на кој се сакавме и како точно знаевме што не сакаме. И ти го знаеше тоа, ти текнува?

Секогаш тврдев дека љубовта не мора да има смисла. За мене тоа беше најдобриот дел во врска со нас. Можеби на луѓето како нас не им е судено да бидат заедно. Но, ние си припаѓавме еден на друг. Тоа беше единственото нешто што ми беше важно. Сакав сѐ во врска со тебе, дури и тоа што беше несигурен околу некои работи. Си бевме рамнотежа еден на друг. А сепак не можев да разберам некои работи кај тебе, како да ти беше тешко да бидеш среќен со мене. Секогаш бев тврдоглава, се сеќаваш? Го признавам тоа.

Нѐ замислувам нас до крајот на животот. Како ќе завршиш со некоја поедноставна од мене, како она ништо нема да комплицира. Таа ќе биде безгрижна и кул, а не сериозна и вечно загрижена. Нема да биде важно дали љубовта има смисла. Зошто би било? Нека биде удобен животот. Најдобриот дел ќе биде што ти ќе имаш сѐ под контрола, баш онака како што сакаш. Ти не го сакаше тоа што јас сакав да контролирам некои работи. Секогаш беше чуден кога беше во прашање иднината. Можеби тоа е убавината на вас како пар, ти и таа – без план. Тоа ќе ти биде освежување. Таа нема да те збунува. Нема да те плаши. Нема да ти поставува животни прашања на кои не го знаеш одговорот. Се сеќаваш колку бев добра во тоа? 

Мислам дека сѐ уште нѐ гледам само нас. Мене и тебе. Гледам како сме поинакви и живееме по свои правила. Не сакав да бидам толку комплицирана. Не сакав да ти го одземам правото да бидеш свој. Само мислев дека можевме да бидеме нешто прекрасно. Сѐ додека веќе не можевме.