Да сакаме – колку тоа убаво звучи.
Photo by Asad Photo Maldives
Како нешто што го даваме без да броиме, мериме или менуваме. Но, што ако љубовта што ја даваме станува тивка валута, менувана за внимание, потврда, или присуство? Дали тогаш љубовта е навистина љубов? Или само договор без зборови?
Ова прашање не ме остави на мир последниве денови – можеме ли, навистина, да сакаме без да очекуваме нешто за возврат?
Љубовта како огледало
Кога сакаме, често сакаме со целото срце. Но, срцето понекогаш несвесно се надева: дека ќе биде видено, препознаено, чувано. И токму тука настанува судирот – меѓу идеалната замисла за безусловна љубов и реалноста на нашата човечка потреба за взаемност.
Очекувањето не мора да значи себичност. Понекогаш е само копнеж за рамнотежа. Да добиеме онолку колку што даваме. Да не бидеме сами во нашиот напор. И тоа е... човечко.
Но, што ако љубовта е избор, а не договор?
Сакањето без очекување не значи да се занемариш себеси. Напротив – тоа значи дека љубовта ја даваш затоа што сакаш, не затоа што некој треба да ти ја „врати“ назад. Тоа е љубов од слобода, не љубов од страв. Таквата љубов не вика: „Јас направив ова за тебе, сега ти си на ред.“ Таа шепоти: „Ова го направив затоа што така го чувствував.“
И таа слобода знае да боли – бидејќи не можеш да ја контролираш другата страна. Не можеш да ја натераш да те сака, да остане, да ти се врати. Но можеш да останеш верен на себе. И на начинот на кој љубовта живее во тебе.
Реалноста е: не секој што го сакаме ќе не сака назад.
И тоа е дел од патот. Дел од растењето. Дел од учењето да не се претвораме во љубов само за да бидеме сакани. Сакањето без очекувања не значи да трпиме тишина, отсуство или повреда. Тоа значи дека сме доволно зрели да не ги врзуваме чувствата со услови. Дека не мераме колку сме сакани според колку пораки сме добиле, или кој прв се јавил.
Ако можеме да сакаме – и да пуштиме... тогаш сме слободни.
Слобода не значи да не чувствуваме. Туку да не се изгубиме себеси во чувствата. Љубовта без очекување е форма на зрелост. И таа не доаѓа секогаш лесно. Но можеби, токму таму, во таа љубов, сме најблиску до нештата што не се мерат. До она невидливо што останува дури и кога сè друго ќе замине.