Можеме и сами, но заедно е секогаш подобро

Современото време нè учи на сè поголема самостојност.

Photo by Josh Hild

Од мотивациските цитати до културниот наратив за „индивидуалност“, сè почесто се слави самодоволноста како крајна цел, како доказ за зрелост. И да, постојат моменти кога мораме сами: кога никој не не разбира, кога градиме нешто од нула, кога лекуваме внатрешни рани. Но некаде на патот, го изгубивме фактот дека човекот не е направен да живее како остров.

Љубовта, пријателствата и заедницата не се луксуз – тие се биолошка, емоционална и духовна потреба. Истражувањата од Blue Zones Project, долгорочна студија за најдолговечните заедници во светот откриваат дека токму силните социјални врски се една од најзначајните заеднички карактеристики кај луѓето кои живеат најдолго и најздраво. Во Окинава, Јапонија, луѓето се дел од „моаи“ – мали кругови на пријателство и поддршка што траат цел живот. Тоа не се само друштва, тоа се мрежи што спасуваат души кога се кршат.

„Да се сака значи активно да се негуваат духовниот раст и на себеси и на другиот. Љубовта не е само чувство, тоа е намера, посветеност и постапка.“

Оваа реченица исто така потсетува дека љубовта не е само нешто што го „чекаме“ или „заслужуваме“, туку нешто што се гради низ секојдневни гестови, искреност и избор да не бегааме кога станува непријатно. А тоа е невозможно ако се движиме низ животот без луѓе со кои можеме да бидеме автентични. Да се биде заедно не значи да се изгубиме во другите. Тоа значи да бидеме доволно храбри да се покажеме со сета наша ранливост и човечност. Во време кога самодоволноста се третира како синоним за сила, вистинска сила е да побараме помош, да го прифатиме нечие присуство без да се срамиме, да сакаме без да се браниме. Не е срамно да се има потреба. Срамно е што сме научени дека е срамно.

Кога се случуваат добри работи, ги славиме повеќе кога има некој да ги слушне. Кога нештата се тешки, болката станува поднослива кога некој нè гледа, не со решение, туку со разбирање. Поврзаноста го трансформира животот – не со тоа што го олеснува, туку со тоа што му дава смисла. Како што покажуваат и студиите за емпатија, мозокот реагира на топла човечка присутност со намалено ниво на кортизол, хормонот на стрес. Односите не се само емоционален луксуз, тие се биохемиска поддршка.

Можеме да преживееме и сами. Но дали сме тука само за преживување? Секој човечки контакт што ни дозволува да бидеме вистински нè поврзува со животот. Љубовта – во сите нејзини облици, не е бегство од себе, туку пат назад кон себе. Пријателствата се мостови над бездните што животот ги носи. И ако некој ден навистина станеме она што сакаме да бидеме, ќе биде затоа што некој, некаде, не држеше за рака додека растевме.