Можеби сите носиме брз суд за другите луѓе, а не би требало

Живееме во свет во кој луѓето постојано носат брзи мислења и одлуки и каде е тешко да се има отворен ум и да се разгледаат различните перспективи на некоја ситуација. Можеби сите сме такви, но не би требало.

Гледаме девојка со кратка сукња и велиме дека е лесна девојка, гледаме дечко со мрсна долга коса и велиме дека е чудак. Гледаме млади родители и велиме “неодговорни“.

Забораваме дека сите ние под таквите етикети сме луѓе. Сите сме личности кои се чувствителни и добри, кои се можеби комплицирани, а многу често неразбрани. Ги осудуваме оние кои изневеруваат, а не се прашуваме зошто го направиле тоа. Ги мразиме оние кои прават работи кои не ни одговараат, без да ги прашаме зошто го прават тоа. Го гледаме светот низ очила кои ни одговараат и мислиме дека тоа е вистинското гледиште, а потоа се навредуваме кога и другите го прават тоа.

Ако луѓето имаат нешто заедничко меѓу себе, тоа е дека сите биле осудени од некоја друга личност и дека биле длабоко неразбрани за нешто. Секој од нас бил дел од некое озборување, скандал или негативна мисла. Сите сме добиле некаква етикета од која сме биле засрамени.

Луѓето кои не знаат ништо повеќе од вашето име лесно ќе формираат погрешни мислења за вас. Тие ќе бидат оние кои ќе претпоставуваат работи и кои ќе ви стават етикета, некаков наслов за само неколку минути. Секогаш ќе има луѓе кои ќе мислат дека сте слаби, помалку интелигентни отколку што сте, помалку интересни, или помалку љубезни од тоа што сте.

Но, тие луѓе не ве познаваат.

Постои разлика меѓу оние кои гледаат што правите и оние кои ве гледаат само површно. Едните ќе ја разберат ситуацијата, ќе постават прашања, ќе се потрудат да ве разберат и така да донесат заклучок. Другите само ќе погледнат кон вас, без да се потрудат да ги разберат вашите мотиви, или да ја разберат пошироката приказна. Потрудете се да ви е важно мислењето само на оние првите.

Секако, тешко е да се игнорира што мислат и зборуваат другите луѓе. Тешко е да не се биде повреден од тоа што го зборуваат. Уште потешко е да се признае колку многу тоа нѐ повредува. Најтешко е да се признае дека сите го правиме тоа понекогаш.

Секогаш ќе постојат работи кои не ги знаеме. Но, наместо да судиме некому за нешто што не го разбираме, треба да ги погледнеме двете страни на приказната.