Можеби нема да го поминеме животот со љубовта на нашиот живот, но и тоа е во ред...

Јас навистина верувам во Голема љубов. Иако зборувам и одам на состаноци како да не верувам во љубов. Немам некои огромни очекувања од романтиките. Не барам некој да ме освои од прва. Но, верувам во голема љубов, затоа што ја имам искусено. 

Јас ја имав онаа огромна, значајна љубов. Љубов која целосно те обзема. Оној тип на „не ми се верува дека ова постои на овој свет“ тип на љубов. Онаа љубов која е како пожар и тивко и удобно тлее со години. Онаа љубов за која се пишуваат романи и симфонии. Онаа љубов која ве учи повеќе од што било друго на светов и ви дава многу повеќе отколку што зема. Тоа беше онаа „љубовта на мојот живот“ тип на љубов. 

И верувам дека тоа функционира некако вака:

Ако имате среќа, ќе ја запознаете љубовта на вашиот живот. Ќе бидете со нив, целосно ќе им се препуштите и ќе дозволите нивното влијание да ве промени во немерливи граници. Тоа е искуство што не може да се мери со ништо друго на светов. Но, она што не ни го кажуваат бајките е дека понекогаш ја запознаваме љубовта на нашиот живот, но таа не останува во нашиот живот засекогаш. Не се венчаме за нив. Не минуваме долги години покрај нив. Не ги држиме за рака на смртна постела, откако целиот живот среќно сме го поминале со нив. 

Не успеваме секогаш да ја задржиме љубовта на нашиот живот, затоа што во реалниот свет, љубовта не може да победи баш сѐ. Љубовта не ги решава непомирливите разлики, не ги победува болестите, не премостува секакви бариери и не нѐ спасува од нас самите кога ние сме оние кои ѝ стојат на патот. Не успеваме секогаш да ја задржиме љубовта на нашиот живот, затоа што постојат и други работи покрај љубовта. Понекогаш вие сакате куќа со градина и три деца, а тие сакаат експлозивна кариера во градот. Понекогаш пред вас е целиот свет кој треба да се истражи, а тие се плашат да излезат од дома. Понекогаш имате соништа поголеми од вас двајцата.

Понекогаш, најголемата работа која може да ја направите за љубовта е да ја пуштите да си замине. Понекогаш немате ни избор. Но, еве уште нешто што не ви кажуваат во врска со наоѓањето на љубовта на вашиот живот: тоа што не сте завршиле со нив до крајот на вашите животи, не го намалува нивното значење. Некои луѓе може да ве сакаат повеќе во една година отколку некои други во 50 години. Некои луѓе во еден ден можат да ве научат повеќе отколку некои други во текот на целиот живот.  Некои луѓе влегуваат во вашиот живот само на одредено време, но имаат толку големо влијание што никој друг не може да го надмине или замени. 

А кои сме ние за да ги наречеме тие луѓе на друг начин освен љубовта на нашиот живот? Кои сме ние за да го намалуваме нивното значење, повторно да испишуваме нови спомени како нам ни одговара, да ги менуваме начините преку кои нѐ промениле на подобро само затоа што патиштата ни се разминале? Кои сме ние да одлучиме дека очајнички мораме да ги замениме, да пронајдеме поголема, подобра, посилна, постраствена љубов со која ќе останеме до крајот на животот?

Можеби само треба да бидеме благодарни што воопшто сме имале можност да ги запознаеме тие луѓе, што сме можеле да ги сакаме и да учиме од нив. И фактот дека нашиот живот сега ни е подобар и поширок благодарејќи на времето кое сме го поминале со нив. 

Запознавањето и изгубувањето на љубовта на вашиот живот не мора да биде најголема животна трагедија. Ако ѝ дозволите, тоа може да биде вашиот најголем благослов. Сепак, на крајот на краиштата, некои луѓе немаат среќа ни да ја доживеат.