Можеби е поради виното, но вечерва би сакала да си тука...

Можеби е поради виното, вечерва би сакала да си тука, да ме фатиш за рака и да ми кажеш да ги оставам чиниите и чашите и празното шише, затоа што месечината е толку сјајна, а ѕвездите прекрасно треперат. Ни на ѕвездите не им е јасно што се случува со нас? И да ми кажеш кој друг сади лалиња и шери домати во градината и дека денес ептен имало гужва во сообраќајот и си размислувал за тоа колку би било убаво кога би седнал на велосипед и би си отишол. Далеку.

Можеби е поради виното, но вечерва навистина ми е потребна твојата близина, да се стуткам во твојата прегратка и да дозволам да ме маѓепса топлината на твојот здив додека зборуваме за спомените од нашиот живот. Да си играш со мојата коса и да ми кажуваш дека си сигурен дека си ја чул мојата насмевка додека си лутал низ градовите во светот. И да гледам како ти сјаат очите додека ги рецитираш песните кои јас ги имам напишано уште пред да се сретнеме.

Можеби е поради виното, но вечерва би сакала да ти зборувам за тоа како обожавам да одам босонога по песок додека брановите ми ги мократ стапалата. Да ти кажам дека секоја зима ми мириса на незапочнато лето и дека сѐ уште ја барам школката која кога ќе ја ставам на уво ќе ми звучи баш како ние двајца. И дека секогаш се смејам кога ќе помислам на тебе, а сепак колената ми се тресат и чувствувам страв. Некоја пајажина ми има застанато во грлото, па понекогаш не можам ни да дишам, уште помалку да ти зборувам дека времето стои додека мојот копнеж патува кон тебе.

Можеби е поради виното, но вечерва би сакала долго да се бакнуваме, како средношколци на клупа покрај река, со испреплетени раце и нозе, не забележувајќи го животот кој трча покрај нас. Би сакала да се покриеме со јорган преку глава и бавно да водиме љубов и нашите две тела да станат едно. Да ми кажеш дека речиси си го заборавил чувството на леснотија кое те обзема, додека мојата глава се подигнува во ритамот на твоето дишење. И дека ептен е без врска тоа што престанав да пушам, затоа што баш сега би можеле да поделиме една цигара.

Можеби е поради виното, но вечерва би сакала да ми се јавиш и да ми кажеш да не се грижам и дека и тебе нешто те гуши во грлото и затоа стоиш тука, пред мојата врата. И каков ми е тој израз на лицето, кога сто пати ти реков дека никогаш не е доцна и дека соништата секогаш се остваруваат, па ајде тогаш овој сон да го отсонуваме заедно. Пролет е и мириса на јоргованите од нашето детство. И да ми кажеш дека се смееш секогаш кога ќе помислиш на мене, а сепак колената ти треперат и дека ти е страв. И времето стои, а ние се пронајдовме.