Можеби е една од најзагадените општини, но, барем ќе добие корзо

Изградбата на корзото во Ѓорче Петров е во втора фаза и за реализација е обезбеден грант од Европската банка за обнова и развој во висина од 14.500.000 денари. Тие пари ќе се искористат за поплочување, ископ и изработка на урбана опрема во хоризонтала.

– Во моментот е започнато поплочувањето, како и поставување на долниот строј на кафетериите, а се прави и пристапната сервисна улица – велат од општина Ѓорче.

За еден месец ќе започнат и активностите за дооформување на зеленилото, поточно дополнување на дрворедот.

Во третата фаза ќе остане само осветлувањето кое нема да биде со класични канделабри, туку висечко, како завеса над целото Корзо, а светилките ќе бидат специфични кругови.

– Финансиските пресметки за третата фаза допрва ќе се прават. Со тендерот излезе дека дел ќе треба да плати општината. Ќе се направат пресметки и ќе се види дали ќе се одвојат средства од буџетот на општината или ќе се покрие со донатори. Се надевам дека ќе успееме тоа да го направиме со донатори – велат од општината.

Втората фаза од Корзото ќе биде готова до крајот на март, додека третата фаза, а со тоа и целиот проект се очекува да заврши до летото.

(А.П.) за Вечер