Можат ли лифотвите да бидат расадници на вирусот?

Во најголем дел од старите објекти во Скопје, како станбени така и службени, лифтовите немаат вентилација, додека во новите тоа не е случај. Во сегашнава ситуација со епидемијата, најмногу на удар се лифтовите во болниците. Експертите тврдат дека во тие лифтови нема движење на воздухот и во нив останувале бактерии и вируси и пред да се случи пандемијата.

Во услови на посебни безбедносни мерки, тие треба што почесто да се дезинфицираат.

Она што сега, во овие услови на пандемија со коронавирусот, се поставува како прашање е колку станарските управители практикуваат да ги дезинфицираат лифтовите, што колку-тoлку значи некаква заштита.
– Колку кај нас се одржува хигиената во лифтовите зависи од свеста на граѓаните. Секако, во ова време на пандемија, не е препорачливо четворица да влегуваат во лифт, бидејќи можноста за зараза е поголема. Но, сепак, во повеќе згради се прави внатрешна дезинфекција на просторот на лифтот, ракофатите, стаклата.

Исто така, хигиеничарите ги пребришуваат површините во лифтовите со дезинфекциски средства. Месечниот надоместок што граѓаните го плаќаат за лифт, исклучиво се користи за одржување на лифтот. Лифт-компаниите прават месечен преглед, подмачкување на лифтот, евентуално менување сајли или други дополнителни работи. Во нив спаѓаат и дезинфекциските средства, кои се купуваат, и станарите само се известуваат на огласна табла дека ќе се дезинфицира.
– Што се однесува на воведување некакви техничко-технолошки иновации, прашање е колку тие софистицирани нови технологии може да помогнат за заштита на граѓаните што се возат во нив, но ние не знаеме, тоа засега е непознато за нас – вели Васе Самараков, претседател на групацијата управители за домување при Стопанската комора на Македонија

За дејството на УВ-системите би можеле да зборуваат и експертите за ваков тип технологии, но никој не може ништо да тврди кога е во прашање коронавирусот, кој сѐ уште е недоволно истражен.
– Малку податоци има за тоа дека УВ-системи ќе го препознаваат овој вирус и ќе го стерилизираат и прочистат воздухот во лифтовите. Премалку се знае за вирусот за да може со сигурност да се каже нешто повеќе. Можеби би можеле да зборуваме за намалување на неговото присуство. Имено, УВ-зраците имаат такво дејство да уништуваат вируси, но кој може да гарантира за актуелниов коронавирус, кој е тој што стопроцентно ќе гарантира дека нема негде да останат некои џебови недопрени од УВ-зраците – велат од Машинскиот факултет од Скопје.
И лекарите тврдат дека во лифтовите нема стопроцентна заштита од пренесување на вирусот.
– Она што сега е најдобро, тоа е препораката секој сам да се вози во лифт, а стопроцентна заштита во лифтовите не може да се гарантира, дури и да се дезинфицираат и по неколкупати на ден. Главно е да нема метеж, да не се вози во лифт со повеќе лица. Пандемијата на ковид-19, всушност, ги извади на виделина сите пропусти и во болниците, нешта за кои претходно не сме размислувале. Треба постојано да се нагласува дека во лифтовите не смее да има повеќе лица. Друга заштита нема – вели д-р Александар Стојанов, шеф на отсекот за имунизација и тропски болести во Центарот за јавно здравје во Скопје и член на Комисијата за заразни болести. (извор - Нова Македонија)