Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ наскоро конечно ќе биде ставен во функција

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска информираше дека мостот „Генерал Михајло Апостолски“ конечно ќе се стави во функција.

„Со години беше симбол на застојот. Кај скопјани остана запаметен како „мостот што водеше во дневна соба“ или „мостот за ловење риба“. Конечно, станува мост што ќе ги поврзува луѓето, ќе го забрзува сообраќајот и ќе го менува секојдневието на граѓаните. Ова е резултат на силна волја, чесен збор и секојдневна, макотрпна работа“, вели Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.

Тој посочи дека кога ја презел градоначалничката функција, ветил дека овој проблем ќе биде решен во текот на неговиот четиригодишен мандат и дека денес со гордост вели дека тоа ветување било исполнето за помалку од една година.

„Во изминатиот период го решивме најголемиот предизвик, експропријацијата. По истекот на рокот за преселување на семејствата кои живееја на трасата, денес започнуваме со расчистување на булеварот „АСНОМ“, токму од мостот „Генерал Михајло Апостолски“, со што започнува неговото конечно ставање во функција. Паралелно продолжува и процесот на експропријација на преостанатиот дел од булеварот, сѐ до неговото целосно завршување“, објаснува градоначалникот.

Тој упати благодарам на, како што рече, чесните, достоинствени и домаќински семејства кои покажаа разбирање и мудрост, кои подале рака таму каде што со години имало застој.

„Благодарам за довербата, за човечкиот однос. Денес, тие не се дел од проблемот, туку решението“, додаде Ѓорѓиевски.

Воедно благодарност упати и до неговите колеги Бобан Стефковски и Дејан Митески, за нивната посветеност, поддршка и заедничка борба овој долгогодишен проблем да биде надминат.

„Но, ова не е единствениот откочен проект. За само неколку месеци ги откочивме „Момин Поток“, булеварот „Борис Трајковски“, мостот на „Љубљанска“ и подземната сообраќајница на булеварот „Македонија“ - проекти кои со години изгледаа како недостижна желба, а денес чекор по чекор стануваат реалност“, истакна Ѓорѓиевски, притоа порачувајќи дека тоа е разликата кога има визија.