МОСТ објави повик за ангажирање 2.000 набљудувачи за изборите

Граѓанската асоцијација МОСТ за набљудување на изборниот процес и денот на гласањето ќе ангажира околу 2.000 набљудувачи на целата територија на Република Македонија.

За таа цел, МОСТ ги повикува граѓаните, лично, да се пријават во 18-те регионални канцеларии, низ целата држава. Регионалните канцеларии на МОСТ за граѓаните ќе бидат отворени од 10 до 17:30 часот. Податоците со контакт информации за регионалните канцеларии ќе можат да се пронајдат на интерент страницата на МОСТ.

За пријавените граѓани ќе биде организирана специјална обука, а потоа ќе бидат распоредени на гласачките места како набљудувачи.

Од МОСТ истакнуваат дека нивен набљудувач може да биде секој граѓанин со право на глас, кој е подготвен непартиски, непристрасно и објективно да го набљудува процесот и да известува за наодите. При селектирањето на набљудувачите предност ќе имаат оние кои во веќе биле ангажирани како набљудувачи на МОСТ на претходните изборни процеси.

МОСТ проектот го спроведува согласно меѓународно признатите стандарди за домашно набљудување на изборите. Во рамки на проектот активна е и интернет платформата http://neregularnosti.most.org.mk, каде граѓаните ќе можат да ги пријават сите евентуални нерегуларности. Дополнително, отворена е и e-mail адреса: neregularnosti@most.org.mk. Отворена е и бесплатна телефонска линија, 080 080 080.