„Море или езеро“ - вечната дилема на летото

Како секоја летна сезона, така и оваа, македонците се поделија околу ставот „Море или езеро“ за конечен избор за летување.

Седум до 10 дена се сосема доволни човек да се одмори подалеку од работното место и домот, а поблиску до вода и сонце, со вкусна храна и освежителни пијалаци, да „се нахрани“ душата со нови убави глетки.

Отсекогаш се развивала дебатата околу цената на уживањето. Некои се подготвени да издвојат повисока сума за покомфорен одмор, но има и такви кои велат дека со „мал сопствен напор“ си го поевтинуваат одморот. Некои велат дека солената вода и ситен песок не се менуваат со ништо, други, пак, не уживаат толку во плажа.

Младата скопјанка Ели, која е мајка на две малолетни деца, вели дека на одмор одат на море во сопствена „режија“.

„За тие пари кои би ги дале на едно од нашите езера, комотно ќе поминеме на море. Обично се сместуваме во апартмани со кујна каде готвам некои лесни јадења, за да не јадеме во ресторани. Високите температури се ризични за храната, од една страна, од друга страна, двете мали деца не сакаат да седат мирни во рестораните, па така јадеме на плажа приготвени седвичи и овошје, а во апартман готвиме“, вели оваа скопјанка.

„Во услови кога на границите бараат корона-тестови, плус зелениот картон чини, и кога на тоа ќе се додаде дека треба да се патува подолго време, Охрид е одличен за една недела“, вели друга скопјанка.

Таа вели дека Охрид им е познат и дека вреди да се посетат и нашите убавини.

„Ние не сме некои „големи капачи“. Одиме во Охрид, се капеме да, но многу повеќе шетаме. Секогаш има нови места за посета. Особено што за да посетите црква или манастир не ви се потреби пари за влез. Јадеме во ресторани и навистина сме задоволни од целокупната понуда во Охрид“, вели таа.

Како и да е, секое место со вода има посебна магија во себе. Изборот е на секој еден, што ќе избере, согласно длабочината на својот џеп и приоритетите во деновите од одморот.