Морате да се заштитите и од лошите вести, исто како и од коронавирусот

Луѓето највеќе се плашат од промени. Да направат нов чекор, да изговорат нов збор, да излезат од удобната зона, од секојдневнието на кое се навикнати. Оттаму е и целиот овој страв. Човештвото се плаши од коронавирусот, но и од промените. И сите се исплашени поради огромните манипулации од страна на многу медиуми.

Животот сега изгледа сосема поинаку! Сѐ е поинаку! Првпат во поновата историја на човештвото, целиот свет е „исклучен“ и „затворен“. И тоа, природно, внесува страв кај луѓето. Што ќе се случи после ова, што се случува сега, што е смислата на сето ова? Има многу прашања, затоа што се сигурно ќе после ова ќе има многу промени, но какви? Многу пати сме ја чуле изреката дека човекот е роб на своите навики. Па што се случува кога некој ќе ни ги одземе навиките? Тогаш сме исплашени и неизвесноста нѐ убива. 

Но, ако се ослободите од тој страв, ќе почнете појасно да гледате дека ништо повеќе нема да биде исто откако овој период ќе заврши. Можете да го гледате ова време на два начини: Ужасно страшно или чудесно време. Зависи од вас. Чудесно во смисла дека светот навистина беше преоптоварен со глупости и многу луѓе трчаа како муви без глави по работа, пари, титули, автомобили, инстант односи, сосема заборавајќи ги другите вредности. Бевме луѓе кои живееја сега и веднаш и кои следниот ден веќе сето тоа го отфрлаа и бараа нови играчки за свое задоволство. Сега е чудесно затоа што преку ноќ останавме без сето тоа. За мене тоа е одличен предизвик и можност за човештвото да се врати на некои поосновни вредности, да се врати на себе, семејството, околината, хуманоста, почитувањето...

За некој друг тоа може да биде застрашувачко, затоа што одеднаш не може да живее на животот на кој навикнал и кој му е познат и затоа е страшно. Луѓето се исплашени и од лошите вести со кои секојдневно се бомбардирани. Морате да најдете начин и да се заштитите од лошите вести, исто како што мора да се заштитите и од коронавирусот. Научете паметно да ги селектирате. Немојте да верувате во секоја глупост на интернетот, секогаш проверувајте ги изворите од кои тие информации доаѓаат.

Најдобро од сѐ е ако сте по природа љубопитни па можете со своја глава да носите логични заклучоци врз основа на валидни и официјални информации кои исто така можете да ги најдете на интернет. Треба да сме благодарни што го имаме интернетот! Ако го немавме, ќе немавме начин како да ги проверуваме голем дел од информациите кои допираат до нас.

Претпазливоста е потреба. Вонредните мерки се потребни. Социјалната дистанца мора да се почитува. Но, се обидувам да ви го свртам вниманието на стравот и паниката која медиумите ширум светот ја шират. Сакам да укажам на сензационалноста која ја шират вестите, на драмата која дополнително ги плаши луѓето. Стравот е само еден од затворите во кои живееме. 

Бидете добро и останете дома. Уживајте во времето кое можете да го поминете со своите најблиски. Смејте се и на креативен начин минувајте го времето. И радувајте се на секоја заедничка минута. Не е сѐ толку црно како што ви изгледа. 

Овој текст ќе го завршам со познатата мисла на Марија Кири: 

„Не треба да се плашиме од ништо во животот, само треба да ги разбереме работите. Сега е време да разбираме повеќе, за да се плашиме помалку.“