Монти Пајтон "Спамалот" премиерно во Скопје

На помалку од 4 недели пред одржувањето, распродадени се сите билети за ексклузивната изведба на хит-мјузиклот Монти Пајтон Спамалот во Скопје! 

Музичката комедија базирана на филмот „Монти Пајтон и Светиот Грал“ и еден од најпопуларните бродвејски мјузикли досега, на 27-ми ноември прв пат ќе биде одигран пред македонската публика, во рамки на Таксират Фестивал. Станува збор за вистински театарски феномен кој за само пет години од поставувањето на бродвејскиот репертоар освои 2 милиони луѓе во 25 држави ширум светот. Со врвна светска продукција каква што досега не сме виделе на театарските сцени во регионов и во изведба на извонредниот ансамбл од Србија, конечно и македонската публика ќе има привилегија за целовечерно ужување во Пајтоновскиот хумор на спектакуларен начин.

Мјузиклот „Спамалот“ во Скопје доаѓа со импресивна актерска и танчерска екипа, во досега невиден состав. Токму за овој мјузикл, српската актерска легенда Никола Којо по 20 години се враќа под театарското светло преку ликот на Крал Артур, а со него на сцената брилираат и Никола Ѓуричко, Срѓан Тимарев, Гордан Кичиќ, Дејан Луткиќ, Мирољуб Турајлија, Иван Марковиќ и славната Јелена Јовичиќ која неодамна ја восхити македонската публика и со главната улога во мјузиклот „Мама Миа“. Како режисер на мјузиклот се потпишува Радослав - Рале Миленковиќ.

Популарниот мјузикл ексклузивно ќе биде одигран во Скопје, на 27 ноември 2016, во реновираната сала на Македонска Опера и Балет.