Монографската публикација на Рома Џем Сешн - Уметнички колектив од денеска во МСУ

Од денеска, во Библиотеката на Музејот на современата уметност-Скопје, може да се најде новата монографска публикација на Рома Џем Сешн Уметнички колектив (Roma Jam Session art Kollektiv (RJSaK) насловена „Morphing the Roma Label“.

-Roma Jam Session art Kollektiv (RJSaK) е уметнички и активистички колектив основан во 2013 година во Цирих и е првиот уметнички колектив во Швајцарија кој ги посветува своите активности на создавање нови слики за Ромите. Групата работи трансдисциплинарно во соработка со експерти од повеќе области како уметност, глума, музика, кореографија, дизајн и теорија. Во монографската публикација се претставени проектите на колективот, а издадена е во септември 2022 година од OnCurating.org - информираат од МСУ.

„Morphing The Roma Label“ е публикација која ја документира десетгодишната соработка помеѓу членовите на колективот и нивните соработници, во форма на асемблаж што сам по себе стана уметнички проект низ кој што тие ја реевалуираат и рефлектираат својата уметничка практика, а во исто време претставува и естетско искуство, кое е динамично перформативно. Книгата неодамна беше промовирана од членовите на колективот за време на отворањето на изложбата „Сѐ што ни е заедничко“ во Музејот на современата уметност – Скопје.