МОН го објави Конкурсот за запишување во средно образование во 2020/2021

Министерството за образование и наука денеска го објави Конкурсот за запишување ученици во прва година во јавните средни училишта во учебната 2020/2021 за настава во гимназиско, стручно, уметничко и за средно образование за ученици со посебни образовни потреби.

Првото пријавување и запишување на учениците е на 16 и 17 јуни 2020, а ранг-листите со резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 18 јуни 2020 година. Второто пријавување и запишување е на 24 и 25 јуни и резултатите и слободните места ќе бидат објавeни на 26 јуни, а третото пријавување ќе биде на 29 јуни и наредниот ден треба да бидат објавени резултатите.

Учениците кои ќе бидат упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места по јунскиот рок, на 24 август 2020 година, за што ќе треба да достават доказна документација.

Податоци за критериумите за упис и потребните документи се содржани во Конкурсот, кој е поставен на веб-страницата на МОН.

Министерот Арбер Адеми вчера во ТВ-гостување соопшти дека нема простор за загриженост за уписите во средното образвание, бидејќи тие се реализираат на крајот на јуни, а ако има потреба поради околностите, роковите може дополнително да се коригираат.