Моментот кога жената конечно одлучува да си замине...

Изненаден сум и инспириран од неверојатната сила и одлучност на жената која собира сила да го напушти она што ја влече надолу.

Тоа може да биде сосед, пријател, учител, колега, сопруг...

Сведоци сме на нивните борби и таги, се прашуваме зошто остануваат, но знаеме дека не можеме да ги присилиме да си одат. Ние само се надеваме дека еден ден во себе ќе го видат сопствениот бесконечен потенцијал и ќе имаат храброст да најдат својата среќа.

Без оглед на тоа дали се работи за работа, љубовна врска, град или едноставно животот кој не ги исполнува. Моментот кога ќе сфатат колку вредат и колкав потенцијал имаат е многу помоќен отколку што можеме да замислиме. Тоа е непроценливо.

Ако некогаш сте ја преиспитувале својата ситуација и сте се запрашале дали е време да си заминете, размислете што се случува кога жената конечно ќе си замине и запрашајте се дали некоја од овие изјави ви звучи познато.

Некогаш беше среќна. Постоеја безброј можности – љубовта која ја делеа беше длабока и моќна, очајнички сакаше повторно да го извади тоа на површина.

На почетокот беше прекрасно и весело, затоа што заедно истражуваа нови работи, а таа учеше толку многу работи за себе.

Се сеќаваше колку им беше забавно и колку беше исполнета, како да ѝ завидуваа на радоста која ја ширеше околу себе.

Кога работите почнаа да се менуваат, чувствата почнаа да бледеат, се прашуваше што е тоа што тргнало наопаку. Се надеваше дека ако се вратат работите онака како што беа, тие повторно ќе бидат силни.

Беше вознемирена и лута на себе, имаше чувство дека таа е виновна. 

Се плашеше прерано да си замине, мислеше дека ќе се кае поради тоа цел живот.

Чекаше работите да се подобрат. Беше оптимист. Многу пати се преиспитуваше дали да си оди или не. Тоа беше првиот знак дека треба да си замине.

Наместо тоа, бараше знаци за да остане. И понекогаш, ако доволно силно бараше, ќе најдеше по некој знак. Знаеше дека на одреден начин се помирува со тоа, но и понатаму се прашуваше дали може да подобри нешто. Освен тоа, не беше толку лошо, имаше и неколку добри работи. На другите сигурно им е полошо, си велеше. Наоѓаше оправдувања. Чувствуваше некаква сигурност, знаејќи што да очекува, како сигурноста да ќе ѝ донесе среќа. Тоа не се случи. Беше уплашена и загрижена за тоа што ќе изгуби ако си отиде. Но, не проценуваше колку ќе ја чини ако остане.

Почна да открива храброст и сила за која отсекогаш знаеше дека ја има. Ги мереше ризиците. Сега беше уморна. Поразена. Огорчена. Се откажа од својата моќ и среќа и знаеше дека работите отишле предалеку.

Разговараше со пријателите и ги собра луѓето околу себе. Сите ја поддржуваа, како и секогаш. Таа знаеше колкав е нејзиниот потенцијал и колку многу ќе ја повреди одлуката да остане. Повеќе не чувствуваше вина дека направила нешто лошо. И не направи ништо лошо.

Преку глава ѝ беше од сѐ. Сфати дека повеќе ништо не ѝ оди во прилог. Беше тажна, повредена и фрустрирана. Даде сѐ што можеше да даде. Сакаше повторно да се смее, како што се смееше порано. Знаеше дека заминувањето е неизбежно, но не знаеше кога и како. И се фати себеси како одолговлечува. И се прашуваше што чека. И конечно, си отиде. Имаше премногу тага во неа, стресот беше огромен и тоа ја повредуваше.

Но, време беше да продолжи понатаму, а таа ја најде својата сила. И сфати дека самата себеси се влечела надолу. Откако си замина беше преплашена. Како ќе се снајде? Која би била таа без својата друга половина? Стана, собра храброст и веруваше во себе. Знаеше дека е силна, знаеше дека ќе преживее сѐ.

Размислуваше за тоа која беше таа пред да ослабе и колку беше неверојатна и успешна. Како живееше без страв – полна со радост и страст кон животот. Најде инспирација во тоа.

Кога сѐ беше кажано и направено, имаше чувство дека може повторно да дише. И повторно почна да се смее. Преживеа и ја докажа својата сила. Не им го докажа тоа на другите, туку на самата себе. Стана свесна колку жртвуваше и колку беше несреќна.

Таа и натаму ги чува убавите спомени, но одлучи дека заслужува да биде безусловно среќна. Одлучи дека нејзиниот живот е убав и дека не треба да ги рационализира своите избори.