Молиш и питачиш за корка леб - до кој степен може да оди бедата и сиромаштијата во Македонија?

До кој степен може да оди бедата и сиромаштијата во Македонија? Да молиш и питачиш за корка леб. Леб кој чини само 20 денари. 20 денари за некој се многу малко, а за некој значат многу. Во Македонија или имаш или немаш воопшто.

Во понеделникот наутро, Весна како и по обичај, влегла во една пекара за да си купи нешто за појадок, пред да тргне на работа, каде што работи како шивачка во една приватна фирма. Се вртела и гледала низ равтовите, не знаејќи што да избере за јадење.

-Понеделничко утро беше тоа. Некако тешко станав за на работа, но ете знаеш дека мораш да работиш. Не дека ќе земеш голема плата, но ќе имаш за прехранување, ако не повеќе. Имам навика речиси секое утро да јадам некоја тестенина за појадок од пекарата која е во близина на фабриката во која работам. Така замислена што да јадам денеска само почувствував како некој ме тегне за ташната. Се исплашив помислив крадци, но кога се свртев забележав нешто друго. Испружено раче, мало, но уште сега изморено. Солзи на прекрасните мали, зелени очиња. Носеше две леви патики, и тоа различни. Јакна без еден ракав. Панталончиња искинати, дупка до дупка. Плетена капа со дупки на главата. “Ај те молам кипи ми и на мене една кифла, гладен сум”, ми рече. “Немам јаденo два дена. Под казна сум, бидејќи дома не однесов пари од питачење, ги потрошив, купив бурек и јогурт . За мене немаше јадење”... Се наежив. Само го гледав некое време без да трепнам, во еден здив. Не ме лажеше. Се гледаше по него, се познаваше дека е така. Се изгубив, не знаев како да реагирам. “Избери си каква кифла сакаш, две ќе ти купам”, му реков. “Која сакате вие, која е најевтина”, ми рече детето. “Те молам стој до мене да ги изедам, да се скријам да не види татко ми”... Кифлите ги изеде во еден здив. Ми се заблагодари и само истрча од пекарата.

Се прашувам дали вака ќе одиме напред. Има ли надлежни во нашата земја, кои се грижат за ваквите ситуации. Колку и да не си запознаен, доволно е да излезеш на улиците и се да ти е јасно.