Моќта на црвениот конец и верувањата поврзани со него

Некогаш, бабите на своите тукушто родени внучиња им врзуваа црвен конце околу зглобот на раката за да ги „заштитат од злобните погледи“, односно од урок. Денес, црвен конец може да се најде во продавниците, па дури и во златарите. 

Трговците се сетија како преку ова народно верување да профитираат, така што на црвениот конец му додаваат привезок срце, потковица, ѕвезда и сл. На уличните тезги ваква „амајлија“ може да се најде и по цена од 100-200 денари, а во продавниците цената достигнува и до 500 денари, додека во златарите, со златен привезок цената може да биде уште повисока. Зошто токму црвениот конец се поврзува со ова верување и неговата моќ да штити од урок или друг вид на необјаснива енергија. Едно е сигурно, црвениот конец има извесно влијание на човечката психа. 

Моќта на аутосугестија
Културите ширум светот, носењето на црвен конец околу зглобот на раката го поврзуваат со одвраќање на негативна енергија и лоша среќа од оној кој ја носи. Кај Евреите на пример, овој „свет“ конец имал заштитна улога, па многумина веруваат во неговата чудесна моќ доколку го донесат од Ерусалим. Психолозите ја потврдуваат моќта на црвениот конец, но ја темелат врз автосугестија.

-Оние кои носат црвен конец, го носат или поради суеверие или поради мода, со оглед на тоа дека носењето на ваков вид на амајлија стана моден тренд. Доколку се работи за суеверие, се работи за несигурна личност која верува дека некој друг може да влијае на нивниот живот и околностите, па бараат механизам како да се „одбранат“ од нешто што всушност не постои. Па така, со помош на автосугестија успеваат да се убедат дека се безбедни и така се чувствуваат подобро, велат психолозите.

Чисто суеверие
Црквата пак вели дека се работи за чисто суеверие.
-Врзување на конец се толкува како суеверие во православната религија. Тој нема апсолутно никакво значење. Луѓето дури имаат обичај да им врзуваат конец околу раката на новородените деца, како би ги заштитиле од „урок“. Но, урокот е чисто суеверие, па за тоа и не вреди да се дискутира. Меѓутоа, многу верници, црвениот конец го заменуваат со црвена бројаница, што повторно нема никакво значење, бидејќи бројаницата не се носи како накит, туку за верникот да може да се моли во било кое време, објаснуваат свештениците.

Освен од урок, некои луѓе веруваат дека врзувањето на волнен конец околу зглобот, може да ги намали симптомите на реума, што исто така нема логичко објаснување.