Моќната изведба на Тамара ни го носи највисокиот пласман досега на Евровизија

Македонија и нашата претставничка Тамара Тодевска за првпат годинава од речиси сите земји добија поени на изборот за песна на Евровизија.

Песната „Proud“ („Горда“) во изведба на Тамара освои 237 поени од стручното жири, но само 58 од телевоутингот, што беше премалку за да имаме можност да се израдуваме со првото место, во трка која беше неизвесна до самиот крај.

Во конечниот пласман, нашата претставничка заврши на осмото место. Победник на годинашниот Евросонг што се одржа во Тел Авив, е Данкан Лоренс од Холандија со песната Arcade.

Во финалето на 64. Евровизија се натпреваруваа 26 земји. За победникот одлучуваа гласовите на стручното жири и од телевоутингот од сите 41 земја учесничка. Од жирито најмногу гласови доби Шведска – 239, втора беше Македонија со два гласа помалку – 237, а трета беше Холандија со 231 глас.

Нашето жири 12 поени му додели на претставникот на Италија. Тамара пак, највисоки 12 поени доби од гласањето на жирито во Австрија, Велика Британија, Албанија, Молдавија, Србија и Швајцарија.

Ова беше прв настап на Македонија во финалето по 2012 година, кога нè претставуваше Калиопи со песната „Црно и бело“. Најдобриот пласман досега го оствари Елена Ристеска, која беше 12-та со песната „Нинанајна“ на натпреварувањето во Грција во 2006 година.

Во продолжение, можете да погледнете и листа од бројот на поени и земјите кои гласаа за песната на Тамара:

5 Португалија
8 Азербејџан
3 Малта
1 Сан Марино
3 Холандија
7 Црна Гора
8 Полска
10 Норвешка
12 Австрија
12 Обединето Кралство
10 Италија
12 Албанија
10 Унгарија
12 Молдавија
5 Ирска
10 Ерменија
7 Романија
7 Австралија
4 Русија
7 Германија
10 Хрватска
12 Србија
8 Исланд
1 Грција
8 Летонија
7 Чешка
10 Данска
7 Франција
7 Финска
12 Швајцарија
2 Словенија