Мојот сопруг не ми „помага“ околу децата, туку заедно ги воспитуваме!

Знам дека ова е машко општество. Знам дека до пред само две генерации било совршено нормално жената да добие „воспитна“ ако го пресоли ручекот, децата да се тепаат со ремен и дека зборот на мажот во куќата е единственото важно што треба да се чуе.

Но, исто така знам дека во меѓувреме жените станале столб на домот. Тие денес работат, носат важни одлуки. Тие се газдарици, директорки, носителки на важни политички функции.

Мојот маж има убава работа во една приватна фирма. Пред да ги родам децата и јас имав работа во еден медиум, а потоа, по своја волја ја напуштив таа работа и започнав приватен бизнис. Со негова целосна поддршка. И денес, после неколку години, можам да кажам дека успеав. Но, кога ќе се свртам околу себе, не ми честитаат за тоа, туку за тоа дека „добро сум се омажила.“

„Ех, лесно ти е на тебе, се можеш да постигнеш затоа што мажот ти помага околу децата.“
„Ех, кога мојот барем еднаш би земал правосмукалка во рака. Ти си среќна жена затоа што ти помага во домот.“

Не, мојот маж не ми „помага“ околу децата. Тој се грижи за своите деца. Мажот е воедно и татко и се труди таа работа да ја врши најдобро што може. И тој е дел од ова семејство, па грижата на домот е и моја, но и негова.

Значи, да разјасниме, за сите оние мајки чиј маж доаѓа од работа и легне да спие, а тие мислат дека тоа е во ред:

Кога тој ќе ги избања децата, тој не помага, тој учествува во родителството.
Кога ќе им даде да јадат, тој не помага, туку се грижи неговите деца да бидат нахранети.
Кога заедно со мене и нашата ќерка ќе направи нешто за училиште, тој не помага, тој ужива во тоа што е татко.
Кога брза да си дојде од работа за да го успие синот, тој не е прекрасен маж, тој е прекрасен татко.
Кога ќе ги извади садовите од машина, тој не е прекрасен маж, тој знае дека така ќе ми остане повеќе време да се грижам за децата.
Но, кога секое утро ме буди со мирис на свежо кафе, затоа што знае дека не е лесно да се спие со бебе, тој е најдобриот маж на светот.
Тој е најдобриот маж на светот затоа што баш секое утро ме бакнува пред да оди на работа и кога ќе се врати дома.
Тој е најдобриот маж на светот затоа што наутро секогаш ги стишува децата за да се одморам малку повеќе.
Тој е најдобриот маж на светот затоа што направи да не можам да си замислам ниту еден ден без него.
И тој е најдобар пример за својот син, затоа што го учи како треба да се однесува кон семејството и тој е најдобар пример за својата ќерка, која ја учи како треба да изгледа и да се однесува еден маж и еден татко.