Мојот мир почнува во мене

Останете недопирливи. Што и да се случува околу вас, останете постојани. Ако нешто ве вознемирило, сочувајте го својот мир. 

Не дозволувајте околностите, луѓето и случувањата целосно да ве потресат. Особено околу тие мали ситни секојдневни работи... Не дозволувајте да ве допрат. Вашата душа нека остане недопрена. Како мирно езеро.

И онака сѐ што се разбранува, брзо се враќа во својата рамнотежа. И останува мирно.

Затоа што мирот почнува во вас.

Сетете се на тоа кога ќе се случи нешто што ќе ве вознемири. Сетете се... затворете ги очите, вдишете длабоко и повлечете ја свеста во полето на вашето срце. Почувствувајте го. Дишете. Ставете рака на вашето срце. И потоа во себе или на глас кажете: „Мојот мир почнува во мене.“

Па повторно вдишете длабоко и почувствувајте ги тие зборови. Дозволете нивната енергија да допре до вас. Да го смири езерото во вас. И ако треба повторете ги овие зборови неколку пати. 

„Мојот мир почнува во мене.“

Нема поголема вистина од ова. Мирот навистина почнува во нас. И потоа се шири надвор и влијае на светот околу нас. Затоа, останете мирни и во вашата душа бидете недопирливи за светот. Бидете недопрени. Чисти. Свои.

Бидете свесни за моќта да го пренесете својот баланс на светот околу себе. Од тоа започнуваат сите работи. Тоа чувство е прекрасно, нѐ враќа на нас самите. На еден прекрасен начин тоа нѐ штити од непосакуваните влијанија на околината. И нѐ прави свесни за сопствената сила и моќта на нашето битие. Прекрасно. 

Обидете се. Создадете го тој чудесно постојан мирен простор кој ќе ви даде чувство на самоконтрола во секој момент. И во вас и кон надвор. 

Подарете си го тој Мир, затоа што навистина го заслужувате.