„Моја скопска приказна“ изложи 160 фотографии

Во Музеј на современа уметност беа изложени фотографиите од натпреварот „Моја скопска приказна“ и најдобрите три, што на најсликовит начин преку автентични фасади ја раскажуваат приказната за Скопје, беа наградени.

За најдобра скопска приказна прикажана во пет фотографии беше прогласена приказната на Оја Заде Абас која ја доби првата награда, 500 евра, втората награда ја доби Мартин Трајановски (200 евра), третата награда Владимир Јакимовски (100 евра).

Целта на проектот „Моја скопска приказна” и натпреварот беше да се направи изложба на фотографии од објекти кои ја отсликуваат автентичноста на градот. На објавениот конкурс пристигнаа вкупно 430 фотографии, а 160 беа изложени на изложбата. Фотографиите се од објекти, од автентични фасади, кои вистински го дефинираат идентитетот на старата скопска архитектура. Изборот на најдобрите фотографии беше направен од жири комисијата во состав Румен Ќамилов, Георги Константиновски, Данило Коцевски, Мартин Ивановски и Бојан Стоилковски.

Проектот беше спроведен и организиран од Стримон филм и е дел од програмата на Делегацијата на Европска Унија, Европска година на културно наследство, 2018.