Моја чудесна Македонија: Сопругата како лекар, плата 15.000 денари, а јас како шофер, со три години средно, 28.000 денари

Учиш, се школуваш. Додека некои надвор се играат, одат на кафе, се дружат, многу млади, ученици, студенти, времето го поминуваат со книгите, со учењето, сметајќи дека еден ден ќе се вработат, и ќе бидат добро платени, за трудот да им се исплати.

Тоа можеби било некогаш, можеби е така во некоја друга светска земја, но за жал во Македонија не е.

Убав пример за тоа, е приказната на семејството Мартиновски од Скопје.

Маја е доктор по општа медицина. Таа веќе три години работи во својата струка, во приватна ординација во Скопје. Маја најпрвин започнала со плата од 12.000 денари, а сега зема 15.000. Нејзиниот сопруг Столе, има завршено средно, со три години. Тој работи како шофер, исто во приватна фирма во Скопје и зема 28.000 денари. Нешто тука не е јасно?

-Се сеќавам, додека сите другарчиња беа надвор. Го користеа првото пролетно сонце за шетање, летните распусти ги минуваа безгрижно, а јас, јас се дружев со книгите. Постојано учење и полагање. Но, јас не се откажував, си велев дека еден ден мојот труд ќе се исплати. Јас бев единствената која што запиша факултет, па мислев дека ќе имам добра плата, и еден ден оваа мака ќе се заборави. Но, еве, сега дознавам дека не е така. Медицинскиот факултет важи за еден од потешките. Таму треба многу труд, мака и учење. Не се завршува како и секој друг факултет. Па логично размислувајќи, треба и платите да бидат поголеми. Но, за жал, праксата го покажува токму спротивното. Плата од 15.000 денари е бедна за медицинско лице, раскажува Маја.

-Убаво ми е што ја земам таа плата од 28.000 денари. Тоа е убава плата во Македонија. Но, кога ќе се сетам дека мојата сопруга, зема речиси дупло помалку од мене, а знам јас, како го има завршено тој факултет, додека јас не одев со денови на училиште и едвај ја поминував година, ми станува мака. Знам дека и е тешко на неа, но ова е реалност во Македонија. Или ќе имаш партиска книшка, или ќе немаш работа, а ако имаш ќе имаш мизерна плата, додава Столе.

Оваа семејство, е само едно од оние кои се во план да заминат од Македонија. Подобар живот, и подобри услови за работа, ќе бараат во Германија. Планираат до крајот на годината да се иселат, додека децата се уште им се мали, да можат од почеток да се школуваат таму.

-Зошто да седиме тука и да ја сакаме татковината, кога таа не, не сака нас. За некои е мајка, а за некои е маќеа, велат тие.