„Мој термин“ и натаму проблематичен: Чекањето за преглед трае со месеци

„Мој Термин“  претрпе неколку измени. Наместо приоритетниот упат, сега има “Итен 24“ и “Без термин“.

Граѓаните велат дека чекањето за лекарски преглед трае неколку месеци. Постарите лица стравуваат дека додека да дојдат на ред за преглед, ќе починат.

Според Управата за електронско здравство, приоритетните упати биле злоупотребувани од пациентите и поради тоа се укинати. Според раководителката на управата, Жаклина Чагоровска, постојат сомнежи дека се злоупотребуваат и новите упати, поради тоа што пред неколку дена лекарите издале 5 илјади упати од „Итен24“ и „Без термин“.

Итен 24 упат – кој ќе се издава на пациенти во животозагрозувачка состојба и ќе има рок од 24 часа. Вториот тип на упат кој се нарекува „Упат без термин“ ќе се користи во случај кога пациентот има потреба од преглед, кој треба да се изврши во следните 7 дена.

Граѓаните кои ги анкетиравме се жалат дека за дел од услугите се чека и со месеци. Од управата за електронско здравство велат дека се работи и за решавање на проблемот со долгите листи на чекање. Лани преку системот Мој термин биле закажани над 4 милиони прегледи, од кои околу 1 милион биле итни, а 900 000 приоритетни.