МОФ: Новиот Закон за високо образование ветуваше многу, а исполни малку

Младинскиот образовен форум (МОФ) реагира што сè уште не се применува Законот за високо образование донесен минатиот мај и не се формирани телата што тој ги предвидува, а кој, како што наведува, беше долгоочекуван и внесе надеж  кај академската заедница и стручната јавност

-Помина повеќе од една година од донесувањето на овој закон, пропуштени се скоро сите рокови за формирање нови тела предвидени во него, а сè уште нема најави ниту кога ќе се случи изборот на нови и легитимни студентски претставници. Тој предвидува формирање на Агенцијата за квалитет на високото образование, која треба да биде составена од одбор за евалуација и одбор за акредитација. Оваа Агенција беше голема надеж за конечно унапредување на квалитетот на нашето високо образование. Рокот за нејзино основање е една година од донесувањето на новиот ЗВО, но Агенцијата се уште не е основана, ниту пак одборите за евалуација и акредитација, наведува МОФ.

Одборот за акредитација е тело кое, меѓу другото, дава дозволи за формирање високообразовни установи, како и нивно одземање, а Одборот за евалуација го следи и оценува квалитетот на вршењето на високообразовната дејност, научноистражувачката, уметничката и стручна работа на академскиот кадар на високообразовните установи и му предлага на Одборот за акредитација да ја продолжи или одземе акредитацијата. Според тоа, нагласува МОФ, во моментов во државата не постои тело кое го оценува и следи квалитетот на академскиот кадар на високообразовните установи и нивните студиски програми.

Законот предвидува и една година по негово стапување во сила да се формира Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, кој исто така сè уште не е формиран, ниту, пак, има најави за тоа. Законот предвидува и Студентски правобранител како посебен орган на Универзитетот кој ќе се грижи за правата на студентите и ќе постапува по нивни претставки, како и по своја сопствена иницијатива.

-Ова, исто така не е исполнето, а студентите чии права се прекршуваат и понатаму немаат кому да се обратат за помош. Истовремено, нема никакви најави кога ќе се случат изборите за студентски претставници на најголемиот и најстар македонски универзитет – „Св. Кирил и Методиј“, иако новиот закон предвидуваше најдоцна во ноември 2018 година. Згора на сè, и покрај тоа што законот предвидува рок од шест месеци од негово стапување да се спроведуваат избори – тоа не се случи. МОФ како младинска организација која постојано го следи статусот и состојбата на студентското организирање веруваше дека студентите најпосле ќе добијат свои претставници, па оттаму ќе можат директно да се вклучат во процесот на донесување на одлуки – во рамки на факултетот и на универзитетот на кој студираат, наведува Младинскиот образовен форум во реакцијата.

Дел од задоцнетата имплементација на Законот, според МОФ, се должи на одолговлекувањата во процесот на усвојување на статутите на универзитетите во Собранието, како основач на државните универзитети. Поради тоа, универзитетите немаат студентско учество и студентски правобранители, а немаат ниту соодветни статути усвоени од Парламентот и покрај тоа што навремено ги направиле промените согласно новиот Закон.

Со оглед дека се предвидени и глоби во делот за прекршочни одредби од Законот за високото образование, МОФ прашува  дали надлежните институции ќе бараат одговорност од универзитетите и факултетите за непочитување на законот и дали, како што наведува – конечно квалитетот на високото образование ќе се вброи помеѓу приоритетите на нашите влади?