Моето име е Самир, и бев жртва на трговија со луѓе!

 

Ми вети работа и одлична плата. Еј - си реков - ми тргна во животот! Сега знам дека бев затвореник, роб.

Се викам Самир. Имам 20 години. Пред 3 години завршив средно училиште и почнав да барам работа. Пријатели ми кажувале дека во странство животот е поубав, повеќе пари се заработуваат и си реков да пробам. Побарав по огласи и најдов човек што посредуваше за работа во странство. Рече ќе ме вработи во фабрика за мотори. Ми вети одлична плата. Еј - си реков - ми тргна во животот! Малку и се плашев, непозната земја, немам никој таму ама човекот вети дека ќе ми најде и сместување и за пат ич да не се секирам. Ми обезбеди работна виза и ми ја покажа. Тоа ги увери и моите родители дека се ќе биде во ред и ќе ми се отвори патот кон убав живот. 

Тргнавме едно утро во комбе десетмина, сите возбудени. Посредникот ни ги собра пасошите уште на граница, за да поминеме граница, и веќе не ги видовме. Уште кога стигнавме некако ми се чинеше дека не е сѐ како што треба. Нѐ сместија во изолирана куќа во соби по четворица со стари кревети на спрат. Брзо открив дека не е сѐ така како што ми беше ветено. Нѐ однесоа да работиме на објект во изградба. Посредникот нѐ убедуваше дека нема слободни позиции во фабриката за мотори привремено треба да работиме градежништово додека да нѝ среди за ветената работа. Работев по 12 часа некогаш и повеќе, од платата не видов ништо ме убедуваше дека морам да заработам за да му го платам патот и неговите услуги но тој им праќа на моите по нешто од мојата заработувачка. Сега знам дека бев затвореник, роб. Не ни дозволуваа да излегуваме од куќата, понекогаш смеев да се јавам дома но ми се закануваа дека ако се пожалам ќе ме исфрлат на улица и ќе завршам во затвор во туѓа земја без никој да знае каде сум. 

Како се спасив? Сепак имало луѓе на светов. По 6 месеци веќе бев без надеж, без желба за живот. Ме преместија да работам на друг објект. Една постара жена редовно го шеташе кучето околу градилиштето. Еднаш кучето дотрча до мене и почнавме разговор, колку што можевме да се разбереме оти не го зборував јазикот добро. Ме посоветува да избегам во текот на рабoтното време и ми помогна да го пријавам случајот во полиција. 

Ова е само една од бројните приказни во светот на жртвите на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација. 

Самир смета дека луѓето многу малку размислуваат за ризикот кој се крие позади само еден клик.„Кога ќе најдете оглас на Интернет не очекувате некој да ве измами. Ако некој ме советуваше, тогаш немаше да доживеам толку тешки моменти. Но, имав среќа, се спасив".