Модуларната болница кај Инфективна е затворена, дали за малку е избегната хаварија?

Вчеравечер јавноста се загрижи за уште една вест поврзана со модуларните болници во земјава. 

Имено, на социјалните мрежи се појави веста дека модуларната болница до Инфективната клиника во Скопје, прокиснала од минатонеделните дождови, а стигнала вода до струја...

Медиумите пренесоа дека водата пробила и до сијаличните места, па поради опасност од хаварија, објектот е испразнет и затворен.  

За ова пренесе и ТВ24 од каде велат дека веста ја потврдила и директорката на Инфективна, д-р. Милена Стевановиќ.

-Точно е дека прокапа од дождот, ја испразнивме, дезинфициравме внатре и сето тоа ќе се санира. Дел од пациентите се префрени на Инфективна клиника каде  што имаше слободни места дел се на Институтот за ТВЦ, изјавила таа за ТВ24. 

Од надлежното министерство, пак, демантираа дека во модуларната болница имало никаква хаварија, бидејќи ниту се случила поплава во болницата, ниту вода била во допир со струјата. На едно место, како што додадоа, се појавило мало количество на водени капки, но во ниту еден миг не биле во допир со електричната енергија. 

Поради намалување на бројот на хоспитализации во изминатиов период затворени се и други ковид центри во склоп на Клинички, како и низ државата, бидејќи рационално мора да се користат ресурсите како и здравствените работници, информираа од Министерството за здравство. 

Очигледно дека по случајот со тетовската ковид болница каде настрадаа 14 пациенти, јавноста се побудно ја следи безбедноста во модуларните болници.