Модерно време: Детство со телефони во рака

Кога детето би одело во коцкарница или кладилница постојано, родителите навистина би се загрижиле. Но, кога децата постојано седат на телефоните и таблетите, родителите не сметаат дека тоа е некаков голем проблем.

Понекогаш тие го дозволуваат тоа за да си дадат мир себеси или за да можат да ги завршат своите обврски, но многу лесно тоа се претвора во зависност кај децата. Штом заплачат или станат немирни, родителите им ги даваат телефоните. Но, не им прават услуга.

Децата веќе не знаат за трпение и за тоа дека некои желби не можат да им бидат исполнети. Нивниот развој се одвива преку телефонитр наместо преку игри со родителите и сликовници и со тоа само се тешиме дека едноставно тоа е така, живееме во модерно време.

Влијанието на телевизијата и технологијата генерално е огромно на децата, а родителите се првите кои треба да го запрат таквиот бран. Децата треба да престанат да го копираат насилното и агресивно однесување кое го гледаат на интернет и да сфатат дека тоа е погрешно. Најдобриот начин да се постигне тоа е искрен разговор и градење и пренесување пример за своите деца за однесувањето кое е добро и прифатливо.

Не дозволувајте вашите деца да бидат жртви на технологијата со образложението дека тоа е денес модерно. Дури и да се подложни на тоа, тие не смеат да ги пропуштат моралните лекции, да поминат квалитетно време со своите родители и да учат низ игри и песни.