Моден викенд Скопје во знакот на 80-тите

Тринаесет модни ревии, презентации на нови брендови и забава под маски се само дел од програмата на тринаесеттиот Моден викенд Скопје кој од денеска до 4 април ќе се одржи под мотото „Да живеат осумдесеттите!“.

Ревискиот дел, кој ќе се одржува во салонот „Порше Македонија“, вечер ќе го отвори дизајнерката Росица Мршиќ со колекција инспирирана од женските ликови од портретите на сликарот Амадео Модилјани.

Вечерва ревии ќе имаат и дизајнерките Олгица Ѓоргиева со парчиња облека кои ги следат светските модни трендови споени со нејзиниот веќе познат стил. Силвија Михајловска (модно ателје Алшар) пак, ќе се претстави со колекцијата наречена „Sakura (In)Fusion“, а ќе биде надополнета со рачно изработен накит дизајниран од Елена Ристовска инспириран од колецијата на Михајловска.

Веднаш по ревиите во „Порше Македонија“ ќе следува и забава под маски со музички хитови од осумдесеттите.

Вториот ден ќе започне со групна ревија на студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет на РМ, на тема „Шари и текстури“. Првпат на настанот ќе се претстави дизајнерката Тијана Младеновиќ од Србија, која доаѓа преку соработката на Моден викенд Скопје со српската модна организација „БАФЕ“. Следуваат ревиите на модната куќа „Линеа“ и брендот „Elezi Paris“ чии креации ги потпишува дизајнерката Флора Елези од Париз. Елези, која има македонско потекло, дипломирала на престижниот универзитет Сорбона. За крај на втората вечер ќе биде презентирана колекцијата на Ирина Тошева поддржана, меѓу другите и од Министерството за култура на РМ. Колекцијата која Тошева ја изработи, во соработка со архитектот Никола Кунгуловски, ја екстрахира геометријата на највпечатливите везови од минатите столетија.

Последниот ревиски ден ќе го отвори групна модна ревија на дизајнерки од Косово. Наместо Флутура Дедиња на 3-ти април во 18 часот ќе биде презентирана новата колекција на Дренуша Џара наречена „Golden Era“.

Со свои модели гостува и Јилка Брада, која пред македонската публика ќе се претстави првпат.

Најновата колекција на „JZJ by Zlatko Jovanovski“ која го носи името „JZJ’S Kingdom“ веднаш по ревијата ќе биде пратена во Лондон каде што креациите ќе бидат достапни во салон од кој најчесто креации изнајмуваат ВИП личности. Третиот ден ќе може да се проследи и „Bocho Chic“ колекцијата на дизајнерот Никола Петровски со која годинава одбележува 20 години од својата прва ревија и ревијата на „SIGMA Jewelry“ кои се познати по уникатниот накит.

Тридневното ревиско случување ќе го затвори познатата дизајнерка Лидија Георгиева.

Новото ателје на Мила Кадриу, кое требаше да се отвори на четвртиот последен ден на Модниот викенд е одложено од технички причини. Овој настан се очекува да се одржи неколку дена подоцна.