Мочуриште, па култно место на Скопје - Ќе го врати ли стариот сјај фонтаната „Лотос“?

Скопјани ја поздравија одлуката на Град Скопје за целосна реконструкција на фонтаната „Лотос“, сместена на влезот од Градскиот парк, место што со децении претставува препознатлив белег и гордост на Скопје, но и место кое долги години беше запуштено. 

Вака изгледаше некогаш фонтаната „Лотос“ на влезот на Градскиот парк во Скопје - култното собирно место и за помладите и за постарите граѓани.

Градски парк кој го знаеме денес е направен во 1970 година, кога е завршен насипот на Вардар, а како круна на паркот во 1971 година пуштена е во употреба фонтаната „Лотос“.  

На местото на фонтаната пред нејзината изградба имало мочуриште, полно со убави бели цветови. И токму оттаму потекнува инспирацијата за проектантот, лотосовиот цвет. Фонтаната „Лотос“ е дело на архитектката Мирјана Милановиќ-Волињец (1938-1982), која работела во Заводот за урбанизам и архитектура Скопје. 

Фотографијата е направена во почетокот на 80-тите години и несомнено буди убави спомени кај старите скопјани.