МНТ ве води на виртуелна прошетка на музејските изложби

Македонскиот народен театар промовира виртуелен музеј кој ќе му овозможи на секој граѓанин дигитално да се прошета низ театарот од самиот влез, па до најгорниот кат и притоа да се информира за трајно изложените оригинални реквизити и костими што се сместени во театарските простории.

Со само неколку клика, добивате можност да се запознаете со историјата на театарот раскажана преку виртуелна тура и изложените реквизити и костими што во минатото се користеле во претставите.

Линк до виртуелниот музеј на МНТ

Воведниот концепт е насловен Виртуелна прошетка низ постоечката Уметничка збирка на Музејот. Тој претставува прв применет виртуелен (дигитален) 360о модел на експонирање од една музејска поставка во Македонија, со што е овозможено интерактивна посета на публиката од секоја точка на светот.

.Овој модел на експонирање ќе биде воспоставен како стандард за сите следни изложби во продукција на Музејот на МНТ, вклучувајки ја и актуелната Исчекор кон сонцето.

Изложбениот концепт е театролошка изложба под наслов Исчекор кон сонцето, која е четврто претставување на продукцијата на Музејот на МНТ почнувајки од 2013 година. Акцентот на музеолошката поставка е ставен на десетте претстави одиграни во првата сезона 1945/46, во кои го вградиле својот ентузијазам и жар десетици актери, режисери, сценографи, костимографи и други театарски работници – основоположници на МНТ. Изложени се оригинални документи, лични предмети, фотографии, драмски текстови, костимографски и сценографски скици, и реквизити кои биле дел од театарските претстави на МНТ. На тој начин се продолжува со претставување на највредните оригинални документи и предмети, од збирките во сопственост на Музејот на МНТ.