МНТ со најскапи претстави во 2018

“Месец дена на село” и “Рони – ќерката на разбојникот” се двете најскапи театарски остварувања во 2018 кои ќе бидат работени и премиерно одиграни во Македонскиот народен театар.

И за двете претстави со годишната програма од Буџетот на Министерството за култура се издвоени по 3 милиони денари. Првата претстава “Месец дена на село” која од април ќе ја режира реномираниот Паоло Маџели од Италија ќе биде работена според делото на Иван Тургењев напишано (1850-та), во кој љубовниот заплет е во првиот план, додека критиката и потсмевањето на високото општество, како и политичките случувања се “читаат” меѓу редови. Исто толку средства се издвоени и за претставата “Рони – ќерката на разбојникот” во адаптација и режија на режисерот, мајстор на спектакли Иван Поповски кој повеќе од 20 години живее и работи во Русија.

Во МНТ веќе се работи на нова претстава “Госпоѓиците од Авињон” на авторот Сашо Димоски во режија на Ненад Витанов (проект одобрен и започнат со подготовки во 2017 година и префрлен со реализација во 2018 за кој се издвоени 150.000 денари, а чија премиера ќе можеме да ја видиме на 21 февруари.

Годинава во најголемата национална театарска куќа ќе бидат подготвувани и претставите “Галеб” од Чехов во режија на Нина Николиќ (1,4 милиони денари), “Духот кој оди” од Дејан Дуковски во режија на Срѓан Јаниќијевиќ (1,2 милиони денари) и “Змеј” во режија на Нела Витошевиќ (1.8 милиони денари).

Таа ќе ја режира и претставата “Странци” на авторот Филипо Болоња, која премиерно ќе биде прикажана во Драмски. Во оваа театарска куќа, пак, ќе се подготвуваат уште шест претстави “Фестен” на авторот Дејвид Елдриџ и во режија на Зоја Бузалковска, “Човек перница” на авторот Мартин Мекдонах во режија на Јане Спасиќ, “Крал Иби” од Алфред Жари во режија на Васил Христов, “Луди за љубов” – од Сем Шепард, режија Деан Дамјановски, “Партија реми” – автор Доналд Ли Кобурн, режија Виолета Џолева и “Како да се ограби банка” на авторот Сами Фејд во режија на Иван Манасковски (проект префрлен со реализација во 2018), претстава која во Драмски премиерно ќе имаме можност да ја видиме на 23 февруари.

Поддржани 123 драмски проекти

Меѓу 123 драмски проекти поддржани од Министерството за култура се и шесте нови претстави во Битолскиот театар. Така во оваа театарска куќа годинава ќе имаме можност премиерно да ги видиме претставите, “Но(е)вата Македонија# – авторски проект во режија на Кокан Младеновиќ, “Јулије Цезар” – автор Вилијам Шекспир, режија Златко Паковиќ, “Змеј” – автор Евгениј Шварц, режија Владимир Милчин “Детето сонува” – автор Ханук Левин, режија Итаи Дорон и “Коцкар” – автор Ф.М. Достоевски, режија Дејан Пројковски (проект префрлен од 2017 чија премиера е на 17 февруари во 20 часот).

Во Театар Комедија годинава се поддржани четири претстави и тоа “Викенд на мртовци” во режија Ѓорѓи Ризески, “Не можам да платам и нема да платам” во режија на Александра Кардалевска, “Не сега драга# која ќе ја режира Коле Ангеловски, додека претставата “Мизантроп” ќе ја видиме во режија на Ана Вукотиќ.

И децата ќе имаат можност да уживаат во нови претстави. Овојпат, поддршката е дадена на претставите “Тоби”, “Земја во која не се стигнува”, “Авантурите на Вилјам” и “Сидарта” во режија Јане Спасиќ која е одобрена и започната минатата година, а ќе се реализира годинава.

За реализација на три претстави поддршка добија Турскиот и Албанскиот театар во Скопје, а поддржани се и нови претстави во сите државни театри во Македонија. Средства добија и 55 драмски проекти на други корисници, здруженија, друштва кои се занимаваат со театарската дејност.